Тивкиот призвук на северниот ветер полека ги исполнуваше проториите на пунктот Кодра Фура. Сериозно ме ставаше во мисла наближувањето на зимскиот провев и пресметував дека наскоро до крајот на Септември рапидно ќе се намалат температурите на овој рид стациониран на 1500 м надморска височина. Златестиот сјај се распростираше во далечината кон село Танушевци и градите ги исполнуваше еден убав и пријатен воздух кој на мигови потсеќаше на некогашниот барут и несигурно чувство кое ги исполнуваше околните ридишта во не толку далечниот конфликт. Сега тие ридишта се еден недопрен рај, токму поради страшните зборови на кои потсеќаше. Погледот ми одеше кон Ибраим маало кое се наоѓаше најблиску од сите куќи од Танушевци, но сепак изгледаше волшебно убаво. Ѕвоната во околните ридишта укажуваа дека некаде во близина се движат овчари кои постојано се довикуваа со непослушните овци и ги гонат големите овчарски кучиња на поголема активност.

Танушевските полиња и наесен знаеја да исполнат со радост и да ја зголемат желбата на разни планинари, отварајќи им видик кон непознатите ували и полиња исполнети со капини, бозел и други есенески плодови. Како што наближуваше ноќта се раздвојуваше небото и земјата со сивилото на темнината која надоаѓаше поткрепена со тенката измаглица. Пределот кој го исполни во овој прекрасен пејсаж на игра меѓу тивката ноќ и разбрануваниот трепет на зајдисонце исполнет со безшумен сјај од доцниот попладневен гракор на гавраните. Тие како да ни кажуваа еве ја ноќта надоаѓа и не исполнува со еден непознат амбис кој демнее поради Танушевската опасност. Гавраните како да им кажуваа на ѕверките и разните глодачи и инсекти повлечете се додека да зајде Сонцето а потоа во рамномерни групи во текот на ноќта излегувајте по својот плен.
Кучето кое седеше во кругот на пунктот, стар и секогаш среќен мелез, најверојатно потомок на некој шарпланинец, го беше предуитрил граничниот стражар кој неволен и нервозен ги бараше копаните од неговото зарѓало тенџере.
„Сега ќе видиш песу еден. Ми ги изеде копаните, вошкар ниеден!“ – се зачу како вика и на моменти пцуе по стариот пес.
На крај го забележа тенџерето преку пат на земја и се нафрли да го казни верниот чувар кој му го беше грабнал тенџерето од над печката на огин. Но потсетувајќи се дека е веќе доцна се повлече и го зеде тенџерето неволно ставајќи го во вода за да го измие и да го врати во повторна употреба негодувајќи на неприликата која го снајде. Секојдневието си течеше и полека одминуваше денот, само понекое возило поминуваше покрај полураспаднатиот пункт кој само на едно место кај Финската барака изгледаше нешто подобро од колибата на чичо Том. Силната дрвена градба зрачеше со изуми од поедини граничари кои го дотерале стариот пропаднат објект со прекрасна веранда и тараса со поглед кон околните ридишта и шуми. До објектот стрчеше една цистерна која исто така беше некој изум бидејќи така прикачена цистерна на приколка можеше да послужи за повторно брзо полнење со техничка вода.
Возилото џип на неколку дена доаѓаше на дотур на издвоениот пункт. Како на некоја Арктичка база блиската зима ги загрижуваше граничарите кои размислуваа со потешкотиите со кои допрва треба да се соочат на ова диво и безмилосно место. Паметат неброен број на зими каде со денови останувале отсечени и заборавени на најсеверниот дел на македонско- косовската граница. Тука ветерот не престануваше да дува и да прави насипи од снег со големина до три метри во кои ни најголемите багери неможеа да пробијат без силна умешност и способност на добро обучени багеристи.

Минатата зима си спомнуваа за багеристот Иле од Прилеп кој на коњ од Липковско езеро па се до пункт Кодра Фура цели 5 часа јаваше за да го пробие снегот и да дојде до моторните санки кои едвај го извлекоа до неговиот багер. Му требаа цели 24 часа за да го пробие патот кон Скопје. Едно промашување и багеристот можеше лесно со багерот да завршат во ендек и во огромни провалии кои на некои места беа длабоки по неколку стотини метра. Опасностите со кои изобилува оваа шума демнеат деноноќно, го исполнуваат срцето и го покачуваат адреналинот на секој истражувач и патописец. Толку многу кријат овие ридови приказни, а дури си ги отворат своите гради ќе дознаеш дека тоа се само капки во море.
Некој што не е информиран не забележува и не го гледа Муратово џаде кое поминува низ највисокиот дел од Арачиново преку Црн Камен и се спушта кон Карадак. Војската на султан Мурат преку Скопска Црна си го пробивала својот пат кон Прешевската долина и сигурно се соочила со огромни тешкотии и затоа останало и тоа име. Но не само Султан Мурат, бројни тврдини, караули и војски биле стационирани во овој дел ископините на стари џамии, цркви и манастири виреат тук и тамо. Денес на секој чекор и секоја кривинка се поставуваат споменици и гробови укажувајќи на новата историја. Обичниот селанин од политика и национализам не дочекал многу добро. Тој пак ќе си ги пасе овците и ќе го сади својот компир со стари истрошени трактори, движејќи се по прашинестите патишта и косејќи ја тревата по недостапните ридишта. Но за разлика од денешната вештачка политичка атмосфера на пишување историја, настаните кои длабоко се врежани низ овој предел оставиле трага на имињата на ридовите: Кодра Гат, Стојанова река, Росен, Маџар ливади, Соколовац, Езеро, Стрима итн. Некогаш и оваа планина имала две езера, по нивното пресушување останало мочуриште кое потоа било претворено во плодно земјиште, и тоа уште од времето на Отоманската империја. Карадак, или Црна шума била една од најпознатите и најгусто покриени шумски предели во овој крај. Карадачките банди и ајдуци се криеле во овие предели, а подоцна и качачките одреди. Азното кое било грабано било оставано во скриени и непристапни долови оставени со знаци кои прекриени со тајни кои денес се обидуваат трагачите на злато неуспешно да ги пронајдат. Арамот не се наоѓа лесно, ниту избива на земја само по себе. Закопаното азно можеби никогаш нема да биде пронајдено но надежта кај трагачите последна умира. Како опседнати талкаат по ридиштата кои секој пат им наликуваат на некоја трага на која им е сугерирано или добиле информација. Тврдина, пештера, камен пат, но секој нареден рид им наликува на добар пат и добар знак.
Таинствените патешествија со кои се соочувале трагачите влевале и сеуште влеваат надеж за едно подобро и поубаво изгрејсонце кое ја очекува оваа величествена планина.
Ова е само дел од Карадак, од Скопска Црна Гора, најубавиот неоткриен бисер на Скопската околија.
























