Од утре започнува пробното функционирање на системот „Безбеден град, безбедна држава“, познат како „Сејф сити“, преку кој МВР ќе врши автоматско снимање и евидентирање на сообраќајни прекршоци. Во овој почетен период, кој ќе трае до Нова година, возачите нема да добиваат казни – ќе бидат испраќани само предупредувачки пораки.

Од јануари системот ќе премине во целосна примена и казните ќе почнат да важат без исклучок.
Портпаролот на МВР, Гоце Андреевски, објасни дека сите утврдени прекршоци ќе се санкционираат според правилата за дозволена брзина и дека нема да има толеранција, без разлика дали прекршокот е направен во населено или ненаселено место.
Сопствениците на возилата за кои ќе биде регистриран прекршок ќе добијат СМС и е-мејл со линк од кој може да го преземат записникот и платниот налог. Од моментот кога ќе ја добијат известувањето, следува рок од 8 дена за плаќање половина од казната. Доколку не се плати во тој период, се плаќа целиот износ во следните 8 дена, пред да започне постапка за присилна наплата. Плаќањето ќе може да се изврши и електронски, а системот веднаш ќе го информира МВР дека глобата е подмирена.

Во првата фаза ќе се бележат прекршоци како:
– возење со поголема брзина од дозволената,
– минување на црвено светло,
– возење со истечена сообраќајна дозвола,
– непрописно паркирање.
Подоцна ќе се додаваат и други видови прекршоци кои системот може автоматски да ги открие.
Последните години се случија многу трагични несреќи со пешаци, особено на пешачки премини, поради пребрзо возење или невнимание. Истовремено, непрописното паркирање останува голем проблем, бидејќи често ги попречува тротоарите и велосипедските патеки.
Граѓаните се надеваат дека воведувањето на овие камери ќе придонесе за поголема дисциплина кај возачите и намалување на опасното однесување на патиштата.
Првично, системот ќе биде активен во Скопје, Тетово и Куманово, како и на делови од автопатите и експресните патишта долж коридорите 8 и 10. План е до средината на следната година да биде покриена целата држава.
Технологијата нема да прави разлика меѓу прекршителите, секој прекршок ќе биде регистриран. Целта е поуреден, побезбеден и покултурен сообраќај. Каков ефект ќе имаат камерите врз однесувањето на возачите ќе стане јасно веќе во првите недели од нивното функционирање.
























